Wednesday, March 3, 2010

Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Црна Гора

Во пријателски фудбалски натпревар попладнево во Скопје на Националната арена „Филип Втори“ пред околу 5.000 гледачи македонската фудбалска репрезентација ја победи Црна Гора со 2:1.

Ангажирано, борбено и со максимално залагање, како што најавија така и одиграа македонските репрезентативци и сосема заслужено се радуваа на крајот.

Во 27 минута Горан Пандев доби дуел на средината на теренот, му ја додаде топката на Ацо Стојков кој нафрли во шеснаесетникот до Илчо Наумоски а овој биеше неодбранливо во десниот горен агол на гостинскиот голман Вукашин Полексиќ. Три минути подоцна стрелецот на првиот гол му асистираше на Пандев кој избегна офсајд ситуација и од 15-ина метри го постигна вториот гол за Македонија.

Пандев имаше уште една голема шанса во првиот дел кога од пет метри не успеа да го совлада гостинскиот голман.

Црногорците најголемата шанса за гол во првото полувреме ја имаа преку нивниот најдобар играч Мирко Вучиниќ кој откосо од десетина метри упати удар, но Томе Пачовски одлично интервенираше.

Вториот дел од натпреварот почна со шанса за нововлезениот македонски репрезентативец Душан Савиќ кој по додавањето на Пандев шутираше право во резервниот голман на гостите Младен Божовиќ.

Марко Баша во 55-тата минута високо скокна на една нафрлена топка и шутираше под пречката, но Пачовски не дозволи да биде совладан. Тоа што не му успеа на Баша во 55 минута го направи во 62 кога по нафрлена топка од корнер намали на 2:1.

Од 72-та минута првпат во дресот со македонскиот грб настапи Александар Тодоровски.

Најголема шанса за израмнување гостите имаа во 75-тата минута кога Мирко Вучиниќ од околу 30 метри силно шутираше под пречката, но Един Нурединоски кој го замени Пачоски спаси сигурен гол.

Македонија повторно се закани во 82 минута. Славчо Георгиевски со волеј удар од 12 метри зафати една нафрлена топка од Бесарт Ибраими, но не успеа да го совлада гостинскиот голман.

Дуелот со Црна Гора беше првиот натпревар за Македонија оваа година и со него официјално почнаа подготовките за есенските квалификации за Европското првенство 2012 година во Полска и Украина. Следниот натпревар македонската селекција треба да го одигра на 20 мај против Бугарија во Софија, а серијата пријателски натпревари ќе биде заокружена на 11 август во Ла Валета со Малта.

Победа денеска забележа и младата фудбалска репрезентација на Македонија во дуелот со Србија со 1:0. Единствениот гол на натпреварот одигран на „Борис Трајковски“ во скопската наслеба Маџари го постигна Филип Петров, една минута пред крајот на првото полувреме.(www.time.mk)

2 comments:

Anonymous said...

bravo

Anonymous said...

Hello. And Bye.